Младиинфо веб портал

Младиинфо (www.mladiinfo.eu) е интернет платформа која ги урива бариерите во образованието на младите ширум светот преку размена на информации и искуства за образованието и активното учеството на младите. Формиран е во 2008 година, кога група млади Македонци мотивирани од сопствените позитивни меѓународни искуства се посветија да им помагаат на други млади луѓе да го подобрат своето образование, да запознаат други култури и да ги развијат своите вештини преку искуство. Младиинфо е непрофитен медиум спроведен од млади луѓе од Македонија и светот кои делат иста идеја дека секој треба да има пристап д бесплатно образование на најпрестижните универзитети, како и обуки и конференции како дел од нивното неформално образование.

Интернет порталот секојдневно нуди внимателно уредени информации за стипендии, натпревари, обуки, волонтирање, пракса и слободни работни места кои може да им помогнат на младите бесплатно да стекнат непроценливо знаење и вештини и на тој начин да ја зголемат нивната компетентност, а со тоа и шансите за вработување. Благодарение на Интернетот и новите социјални медиуми, Младиинфо е познат во Европа како иницијатива за правење општо добро преку поттикнување на младите да напредуваат, а преку нив и општеството. Младиинфо се темели на благородната вредност на волонтерството и принципот „sharing is caring“. Нашата работа се базира на волонтери кои искусиле придобивки од бесплатно образование и сакаат да ги споделат своите знаења и ентузијазам со своите врсници. Тимот на Младиинфо секојдневно поминува неколку часа во барање на релевантни информации за формално и неформално образование на младите, уредување и адаптација на истите според потребите на корисникот, објавување на информациите, а потоа и лично помагање на заинтересираните страни преку одговарање на прашања или помагање со процесот на пријавување. Нашата работа не е да влијаеме на образовните содржини, туку да го зголемиме пристапот до образовните можности. Како младинска организација, Mladiinfo е онаа врска што недостасува помеѓу младите и институциите. Затоа, Mladiinfo соработува со голем број институции и организации, како локални, така и меѓународни, со цел обезбедување квалитетни, ажурирани и навремени информации. Многу институции, организации и млади и се потпираат на нас за објавување на информации поврзани со бесплатно образование.
Индикаторот дека оваа иницијатива била долго потребна е тоа што веб страната на Младиинфо стана многу популарна меѓу младите за многу кратко време. Младиинфо има повеќе од 140 000 хитови месечно од целиот свет, повеќе од еден милион хитови годишно и има побарувања да ја прошири мрежата и на другите континенти. Повеќе од 100 млади месечно комуницираат со нашиот тим и користат информациите кои ги обезбедуваме. Овој позитивен прием е особено значаен со оглед на фактот целиот веб портал, од неговиот дизајн до содржината објавени, го водат млади волонтери од Македонија и од други земји во светот, кои се подготвени да им помогнат на своите колеги да ги остварат своите образовни цели.

Во своето четиригодишно постоење, Mladiinfo успеа да им помогне на стотици млади луѓе да растат и да се развиваат преку бесплатно образование. Во мај 2009 година, на World Summit Youth Award, лобална иницијатива организирана од страна на Обединетите Нации, Младиинфо беше избран како еден од петте најдобри портали во светот во категоријата „Образование за сите“, во конкуренција на 622 веб портали од 101 земја во светот. Во 2011 година, Младиинфо влезе во финалната листа од 132 проекти (од 1850 поднесени) и ја доби Наградата за социјална интеграција на фондацијата ERSTE. Во 2012 година, на World Summit Youth Award, Младиинфо доби две награди во категоријата „Образование за сите“, за најдобра веб содржина и за најдобар бизнис потенцијал.